ДКСК демантира невистинити наводи објавени во медиумите
Почитувана јавност,
Радиодифузерот со национална концесија Телевизија Телма денес објави текст со наслов: „Има ли судир на интереси во ДКСК?“ од новинарот Миомир Серафиновиќ.
Во врска со истиот, сакаме да појасниме на јавноста дека наводите соджани во текстот се невистинити и непроверени.
Имено, членот на ДКСК Цвета Ристовска нема две позиции во јавниот живот, како што се шпекулира во текстот. Цвета Ристовска дипломирала на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј„ – Економскиот Факултет во Скопје во 1991 година, а магистрирала на Универзитетот за туризам и менаџмент- економски науки, во 2011 година. Тоа што на веб страната на ДКСК во делот на нејзината биографија стои дека магистерските студии се тековни, е техничка грешка. Доколку медиумот се обратеше до нас или го контактираше членот на ДКСК Цвета Ристовска, како што налагаат новинарските стандарди и етика, истото ќе беше појаснето.
Не е точен наводот дека мобилниот службен телефонскиот број на Цвета Ристовска исклучува и не постои. Медиумот воопшто не го контактираше членот Цвета Ристовска на нејзиниот мобилен службен телефонски број, како втор извор на информации, како што налагаат професионалните стандарди.
Сите членови на ДКСК во континуитет внимаваат на потенцијален судир на интереси и совршено добро ги познаваат одредбите од Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси, како и Етичкиот кодекс на ДКСК.
Медиумот Телевизија Телма нафрла само наводи во текстот од типот дека членот Цвета Ристовска се сликалa со ректоротот на Универзитетот Скопје, дека е ангажирана како дел од наставниот кадар од Универзитетот, кои наводи се апсолутно шпекулативни, манипулативни и воопшто не кореспондираат со предметот на постапката што се водеше пред ДКСК.
Со ваквиите наводи медиумот само се обидува да ја замајува јавноста дека позади ваквата одлука стојат некои други шпекулативни интереси, а не правото и законитоста.
Членот на ДКСК нема било каква деловна врска со Универзитетот Скопје, како би дошло до судир на интереси со нејзиното постапување во конкретниот предмет, од причини што Универзитетот Скопје не е предмет на постапување пред ДКСК. Дополнително, Државниот просветен инспекторат изврши вонреден инспекциски надзор на Универзитетот Скопје, заради проверка на наводите во пријавата против директорот на АНБ Бојан Христовски. По извршениот надзор, беше констатирано дека неговата диплома е во ред. Одлуката за г-динот Бојан Христовски е донесена едногласно.
За каков потенцијален судир на интерес зборуваме, во услови кога надзорот е извршен од друг орган??!
Почитувани медиуми, ние како членови на ДКСК сме свесни дека постојано сме под лупа и надзор на јавноста, кое нешто максимално го почитуваме и вреднуваме. Таквиот надзор само дополнително придонесува во транспарентноста во работењето на ДКСК.
За целиот период од конституирањето на новиот состав на ДКСК секогаш сме отворени за било какви прашања од медиумите. И во конкретниот случај, доколку Телевизија Телма дојдеше и се обратеше ќе ги одговоревме сите прашања.
ДКСК достави демант до Телевизија Телма и побара истиот да биде објавен во целост.
Затоа ги молиме сите медиуми да го почитуваат интегритетот, стручноста и компетентноста на секој член на ДКСК.
Со почит,
ДРЖАВНА КОМИСИЈА ЗА СПРЕЧУВАЊЕ НА КОРУПЦИЈАТА