Сертификатот на Државната комисија за Ефективен ЦАФ Корисник
Во просториите на Државната комисија за спречување на корупцијата, Заменик претседателката на ДКСК, г-ѓа Билјана Каракашова Шулев и г-ѓата Маја Ханџиска Трендафилова, директор на РеСПА (Регионалната школа за јавна администрација), извршија примопредавање на Сертификатот на Државната комисија за Ефективен ЦАФ Корисник. На овој настан претходеше доставувањето на Фидбек извештајот за ЦАФ и одлуката со која на Државната комисија и е доделена ознаката Ефективен корисник на ЦАФ на 28.02.2025 година од страна на РеСПА.
Заменик претседателката на Државната комисија се заблагодари на поддршката на РеСПА за спроведување на целиот процес на имплементација на ЦАФ и за доделување на ознаката на ефективен ЦАФ корисник.
ДКСК ги поттикнува и останатите институции од јавниот сектор да го имплементираат ЦАФ2020 моделот за управување со квалитет во своето работење. Овој инструмент има за цел да им помогне на институциите од јавниот сектор да ги детектира слабите страни во целокупното функционирање, вклучувајќи ги и луѓето, лидерството, стратегијата, планирањето итн., и да се преземат активности за унапредување на истите. Придобивките од воведувањето на ЦАФ2020 моделот и воопшто инструментите за управување со квалитет во јавната администрација се бројни и разновидни.
Во следните три години, односно до истекување на важноста на ознаката, Државната комисија ќе остане посветена кон целосно исполнување на Планот за подобрување, со посебен фокус на управување со квалитет во сите сегменти на дејствување, а со тоа и унапредување на системот на интегритет кој се спроведува во институцијата.
На средбата исто така се дискутираше и за останатите механизми и можности за соработка помеѓу Државната комисија и РеСПА, како и можностите за регионална соработка и размена на искуства особено во насока на зајакнување на институционалниот интегритет во јавната администрација.

