СООПШТЕНИЕ
Во врска со информациите и јавните реакции поврзани со Предлог-законот за реализација на проектот „Скопје – Европска престолнина на културата 2028“, како и со прашањата што се отвораат во однос на управувањето со јавните средства и постапките за нивно трошење, Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) укажува на следното:
Обезбедувањето интегритет, законитост, транспарентност и отчетност при трошењето на јавните средства претставува основен предуслов за заштита на јавниот интерес и за спречување на ризиците од корупција.
Секое законско решение со кое се предвидува исклучување или ограничување на примената на системските закони, особено на Законот за јавните набавки, мора да биде јасно, детално и убедливо образложено од аспект на јавниот интерес, неопходноста од ваквото исклучување, неговата пропорционалност и воспоставувањето на ефикасни механизми за спречување на корупцијата и злоупотребата на јавните средства.
Примената на начелата на транспарентност, еднаков третман, слободна и фер конкуренција, економичност, отчетност, интегритет и ефективна контрола не смее да биде доведена во прашање, независно од институционалната форма преку која ќе се реализира проектот или од неговото значење.
Истакнуваме дека Законот за јавните набавки овозможува:
- јасни, транспарентни и однапред утврдени правила и критериуми за избор на економските оператори;
- обезбедување на вистинска конкуренција и еднаков пристап на заинтересираните субјекти;
- независен и ефективен надзор над постапките за избор и склучување договори;
- соодветна правна заштита на економските оператори;
- обврска за јавно објавување на повиците, критериумите за избор, склучените договори, нивните измени и реализацијата на договорите, освен во случаи кога со закон е поинаку определено;
- механизми за спречување и управување со судирот на интереси, како и правила што ќе обезбедат непристрасност, објективност и интегритет во процесот на одлучување.
Доколку законодавецот оцени дека е неопходно донесување на посебно законско решение за реализација на проектот, ДКСК укажува дека истото треба да ги содржи механизмите утврдени со Законот за јавните набавки кои гарантираат интегритет, законитост, транспарентност, економичност и јавна отчетност.
Согласно своите законски надлежности, Државната комисија за спречување на корупцијата и во Националната стратегија за спречување на корупцијата и судирот на интереси 2026-2030 го препозна носењето на закони по скратена постапка со кои се заобиколува примената на системските закони како висок ризик од корупција и предложи мерки и активности за нивно надминување.
Дополнително, цениме дека вакви значајни законски решенија задолжително претходно треба да се доставуваат до ДКСК за нивно разгледување од аспект на корупциски ризици.
Државна комисија за спречување на корупцијата














