ДКСК учествуваше на регионален настан за ЕУ Директивата за борба против корупцијата во Тирана
Државната комисија за спречување на корупцијата учествуваше на регионалниот настан на високо ниво „ЕУ Директива за борба против корупцијата – Западен Балкан: Регионална соработка за размена на податоци и изјави за имотна состојба“, кој се одржа на 8 април 2026 година во Тирана, Република Албанија.
Настанот беше во заедничка организација на Регионалната антикорупциска иницијатива (РАИ) и Министерството за државна администрација и антикорупција на Албанија, и обедини високи претставници од институциите, антикорупциските тела и меѓународните партнери од регионот.
Во рамки на настанот, заменик-претседателката на Државната комисија за спречување на корупцијата Софија Спасова Медарска учествуваше на панел-дискусијата на тема „Заеднички одговори на заедничките предизвици: Градење регионален антикорупциски екосистем за интеграција во ЕУ“, заедно со претставници на релевантни институции од регионот и меѓународни партнери.
Во своето излагање, таа ја истакна важноста на регионалната соработка како клучен елемент за ефикасна борба против корупцијата, особено во контекст на прекуграничните ризици и потребата од размена на податоци за проверка на изјавите за имотна состојба. Посебен акцент беше ставен на практичната примена на меѓународните механизми за соработка, како и на потребата од унапредување на интероперабилноста и дигитализацијата на системите.
Учеството на ДКСК на овој настан претставува значаен придонес кон унапредување на регионалниот дијалог, размената на искуства и усогласувањето со стандардите на Европската Унија во областа на борбата против корупцијата.
Државната комисија останува посветена на јакнење на регионалната соработка, транспарентноста и институционалниот интегритет, како основа за ефективна превенција на корупцијата и напредок во процесот на европска интеграција.













