ДРЖАВНАТА КОМИСИЈА ЈА ДОНЕСЕ НАЦИОНАЛНАТА СТРАТЕГИЈА ЗА СПРЕЧУВАЊЕ НА КОРУПЦИЈАТА И СУДИРОТ НА ИНТЕРЕСИ 2026-2030 ГОДИНА СО АКЦИОНЕН ПЛАН ЗА НЕЈЗИНО СПРОВЕДУВАЊЕ И ЈА ПОДНЕСЕ ВО СОБРАНИЕТО НА РЕПУБЛИКА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА ЗА УСВОЈУВАЊЕ
Државната комисија за спречување на корупцијата денес ја одржа 34-та седница на која ја донесе Националната стратегија за спречување на корупцијата и судирот на интереси 2026-2030 година со акционен план за нејзино спроведување.
Во согласност со Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси, Државната комисија ја поднесе Националната стратегија 2026-2030 до Собранието на Република Северна Македонија, за нејзино усвојување.
За таа цел, претседателот на Државната комисија се сретна со г. Африм Гаши, претседател на Собранието и лично ја достави Стратегија. Ваквиот чин не претставува формалност туку, момент во кој една институционална обврска преминува во поширока државна одговорност. Во таа прилика, претседателите на двете институции ја изразија својата заложба за реализација на активностите од акциониот план за спроведување на новата стратегија, со што ќе се воспостави стратешки системски одговор на државата кон корупцијата во следните пет години, преку јасно утврдена визија, стратешки цели, клучни проблеми, мерки и активности за нивно надминување, носители на активности и временска рамка за реализација.
Со денешното поднесување на Националната стратегија 2026–2030 до Собранието, Државната комисија ја исполни својата законска обврска, но истовремено повикува на заедничка одговорност. Оваа стратешка рамка треба да биде основа за зајакнување на институционалниот интегритет во јавниот сектор, поголема транспарентност, отчетност, намалување на ризиците од корупција и враќање на довербата на граѓаните во системот.



















