ЗА ОПШТЕСТВО БЕЗ КОРУПЦИЈА И ИНСТИТУЦИИ СО СИЛЕН ИНТЕГРИТЕТ ПОТРЕБНА Е КОНТИНУИРАНА ЕДУКАЦИЈА И ЦЕЛОСНА ПОСВЕТЕНОСТ НА СЕКОЈ ОД НАС
Денес се отвори Тренинг центарот во рамки на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), чиешто формирање беше поддржано од Проектот на УСАИД за граѓанско учество.
Потребата за реализација на надлежноста на ДКСК во однос преземање активности на планот на едукацијата на органите, надлежни за откривање и гонење на корупцијата и другите видови на криминал беше препознаена од Агенција на САД за меѓународен развој (УСАИД), во рамки на Проектот на УСАИД за граѓанско учество, кои обезбедија поддршка во насока на воспоставување на Тренинг центар во рамките на ДКСК. Тренинг центарот ќе обезбеди јакнење на свеста и знаењето во борбата против корупцијата за вработените од институциите на централната и локалната власт, вклучително и пошироката јавност. Преку поддршката, за непречено функционирање на овој Тренинг центар е развиена наставна програма за обуки за борбата против корупцијата, судир на интереси и интегритетот, како и програма за обуки за обучувачи за тимот на ДКСК, што ќе обезбеди одржливост во работењето на центарот. Дополнително, во моментот се работи на развивање на софтверска алатка преку која ќе се олесни пристапот кон едукативни содржини.
„Корупцијата е општествено зло за кое границите помеѓу државите не постојат и многу брзо се шири низ светот онаму каде што ќе најде поволно тло. Затоа, неопходна е заедничка борба и меѓусебна поддршка, а едукативниот процес е погодна алатка од превентивен карактер, која во рамките на ДКСК може амбициозно да се развива. Борбата против корупцијата почнува со подигнување на свеста и носење на индивидуална одлука за преземање на акција.“, истакна Билјана Ивановска, претседател на ДКСК.
На настанот се обрати и Дон Кармин, директорка на Канцеларијата за општ развој на УСАИД, која посочи „Како што Северна Македонија се приближува до целта на членство во ЕУ, знаеме дека значаен напредок може да се постигне само со посветени и проактивни институции и граѓани, кои работат на заштита на демократијата. Комисијата е незаменлива во овој напор како и заунапредување на сложените реформи кои земјата треба да ги спорведе за цврсто вкоренување на евроатлантската иднина”.
Постоењето на тренинг центар во рамките на ДКСК е потребно од повеќе аспекти – за поттикнување на градење капацитети за борба против корупцијата, за едукација за подобро разбирање на корупцијата, како и нејзините облици, ефекти и начини за борба против истата.