Информативна сесија за Политика на интегритет за единиците на локалната самоуправа
На 04.04.2022 година, во просториите на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) се одржа Информативна сесија за Политика на интегритет за единиците на локалната самоуправа, на која преку докажаната соработка помеѓу ДКСК и Мисијата на ОБСЕ во Скопје, уште еднаш, беше потенцирана важноста на континуираниот процес на градење на институционалниот интегритет, преку прифаќање и почитување на Политиката на интегритет.
На настанот, покрај претседателката на ДКСК г-ѓа Билјана Ивановска и членот на ДКСК г-дин Владимир Георгиев, со свои обраќања учествуваа и Амбасадор Клеменс Која, Шеф на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, г-ѓа Душица Перишиќ, Извршна директорка на ЗЕЛС и г-ѓа Маја Лазарова, Национален програмски офицер, Мисија на ОБСЕ во Скопје.
Државната комисија за спречување на корупцијата, во соработка со Мисијата на ОБСЕ во Скопје, преку овој настан ги истакна заложбите за ефективно и целосно воведување на системот на интегритет и негова правилна имплементација во институциите на локалната самоправа, како прва брана во борбата против корупцијата.
Претседателката на Државната комисија за спречување на корупцијата Билјана Ивановска ги потсети присутните градоначалници и претставници на единиците на локалната самоуправа дека интегритет е клучен за изградба на силни институции отпорни на корупција и забрзување на демократскиот развој. При тоа, таа ја нагласи важноста на надлежностите што ги имаат општините, како што се урбаното планирање и градење, заштитата на животната средина и природата, планирањето и спроведувањето на локалниот економски развој како и развој на целата средина со која раководат.
Со тоа, упати порака дека сите заложби на ДКСК, треба да бидат заеднички мотиви за успех, и секој прв човек на својата институција треба да направи се што е во негова моќ за да ги достигне и следи. Воедно, таа ја понуди поддршката на ДКСК на општините, за сите прашања кои може да се појават во процесот на воведување на системот на интегритет.
Амбасадорот Клеменс Која, Шеф на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, ја истакна важноста на зајакнувањето на интегритетот – и личниот и институционалниот – како клучна алка за градење на силни институции кои се отпорни на корупција и за забрзувањето на демократскиот развој на земјата. При тоа, тој нагласи дека иако повеќето од градоначалниците веќе ја препознаа важноста на зајакнувањето на интегритетот и ја потпишаа декларацијата за политика на интегритет, сепак, потпишувањето на декларацијата не е цел сама по себе – туку е инструмент кој може да помогне за правење на неопходните напори со цел зајакнување на интегритетот како дел од политиката на државата за спречување корупција.
Г-ѓа Лазарова, ги објасни и детално ги опиша компонентите од кои се состои Политиката на интегритет на локалната самоуправа, а г-дин Георгиев даде осврт за значајноста на спроведувањето на овој процес и начинот на неговото следење.
На настанот беше заклучено дека борбата против корупцијата е процес за којшто е потребно единство, соработка и придонес од сите чинители. Во таа насока, од страна на Државната комисија за спречување на корупцијата беше истакнато дека понатамошната соработка би се одвивала кон остварување на дополнителни обуки, посебно за лицата на интегритет, како и зајакната соработка со општините преку процес на следење на имплементацијата на процесот на интегритет.