Кампањата „Бидете херои на чесноста“ за борба против корупцијата продолжи во основното училиште „Коле Неделковски”
Кампањата „Бидете херои на чесноста“ за борба против корупцијата продолжи во основното училиште „Коле Неделковски” со цел да ги охрабри учениците од основните училишта да станат херои на чесноста промовирајќи интегритет, транспарентност и одговорност во општеството.
„Ние како наставници не сме само дел од образовниот процес, туку активно учествуваме и во воспитувањето на учениците буквално како втори родители. Токму затоа имаме одговорност да им го покажеме вистинскиот пат и да бидеме пример од кој ќе може да научат дека чесноста, интегритетот и етичноста се доблести за секој човек, за секое дете и ученик“, порача директорката на училиштето, Светлана Масларевска.
Оваа кампања на Државната комисија за спречување на корупцијата е дел од Активноста за анти-корупција и интегритет која ја спроведува Меѓународната фондација за изборни системи ИФЕС, а е финансирана од УСАИД.
„Потребно е да ги едуцираме идните генерации за штетите од корупцијата од мали нозе, за да имаат втемелени вредности за интегритет и чесно однесување во општеството. Токму затоа, заедно со родителите и наставниците да им го покажеме патот на посветеност за борба против корупцијата и негување култура на транспарентност и одговорност“, истакна Билјана Ивановска, претседателката на Државната комисија за спречување на корупцијата.
Преку кампањата ученците и ученичките се едуцираат за поимите интегритет и корупција, сé со цел да се подигне свеста кај нив за штетните ефекти од корупцијата, како и да создадеме антикорупциско движење во земјава кое би придонело за општество без корупција.