Одржана втора тркалезна маса за лобирање со претставници од институциите на централната власт
Државната комисија за спречување на корупцијата, во соработка со проектот „Поддршка на ЕУ за владеење на правото“, на ден 20 април во Клубот на пратеници во Скопје ја одржа втората тркалезна маса на тема „Лобирање во Северна Македонија“, наменета за претставниците од институциите на централната власт.

Настанот се реализира во рамки на серијата тематски тркалезни маси чија цел е да се поттикне поширока институционална и јавна дебата за значењето на транспарентните, етички и отчетни практики на лобирање, во согласност со Законот за лобирање.

Во текот на дискусијата, учесниците ја нагласија потребата од засилено постапување и континуирана поддршка од страна на Државната комисија за спречување на корупцијата, особено во делот на насоки, унапредување на свеста, практична примена на законската рамка и јакнење на институционалните капацитети. Притоа, беше препознаено дека лобирањето не треба да се гледа исклучиво како регулаторно прашање, туку и како важен сегмент на институционалниот интегритет. Транспарентното управување со контактите, застапувањето на интереси и носењето одлуки претставуваат составен дел од доброто управување, отчетноста и градењето доверба во институциите.
Во рамки на настанот, присутните имаа можност да ги проследат излагањата на меѓународните експерти, кои споделија искуства и практики од други европски држави во однос на уредувањето, следењето и институционалната култура поврзана со лобирањето.
Разменетите ставови, предлози и препораки од оваа тркалезна маса, како и од останатите настани во рамки на кампањата, ќе бидат земени предвид од страна на работната група во рамки на Министерството за правда, со цел нивно понатамошно разгледување и вградување во идните активности и политики во оваа област, односно измена и подобрување на Законот за лобирање.

Во рамки на кампањата, следуваат уште две тематски тркалезни маси, и тоа со претставници од единиците на локалната самоуправа и со претставници на медиумите и граѓанскиот сектор.
Државната комисија за спречување на корупцијата останува посветена на унапредување на транспарентноста, интегритетот и отчетноста во процесите на лобирање, како важен дел од превенцијата од корупција и зајакнувањето на демократското управување.













