Одржана средба со Кетрин Елена, виш глобален правен советник и директор на Центарот на ИФЕС за демократска доверба и борба против корупцијата
На 14.04.2022 година претседателката и членовите на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), остварија средба со Кетрин Елена – виш глобален правен советник и директор на Центарот на ИФЕС за демократска доверба и борба против корупцијата на канцеларијата во Вашингтон – САД.
Средбата се одржа на барање на канцеларијата на ИФЕС во Република Северна Македонија а со цел запознавање на г-ѓа Кетрин Елена, која е во посета на локалната канцеларија на ИФЕС, со статусот и надлежностите на ДКСК како и можностите за проширување на соработката на ИФЕС со ДКСК.
Директорката на Центарот на ИФЕС за демократска доверба и борба против корупцијата Кетрин Елена, ги запозна претставниците на ДКСК со улогата и мисијата на Центарот на ИФЕС за демократска доверба и борба против корупцијата, при што истакна дека Центарот е фокусиран на подобрување на способноста на демократиите за надминување на проблемите со корупцијата преку воспоставување партнерства и меѓу секторски антикорупциски иницијативи со цел подигање на свеста за проблемите и изнаоѓање на решенија за нивно надминување.
На средбата, г-ѓа Елена беше информирана за законските надлежности на ДКСК, соработката со антикорупциските тела од регионот и пошироко, учествотото на ДКСК во меѓународните антикорупциски иницијативи, за имплементацијата на препораките од ГРЕКО како и имплементацијата на Конвенцијата Обединетите нации против корупцијата (УНКАК).
Претседателката и членовите на ДКСК накусо ја запознаа г-ѓа Елена со примената на Законот за заштита на укажувачите, активностите поврзани со донесувањето и следењето на Националната стратегија за борба со корупцијата и судирот на интереси, активностите поврзани со превентивната улога на ДКСК, кампањите за подигање на јавната свест, обуките кои ДКСК ги спроведува за вработените во другите државни институции, соработката со невладиниот сектор, како и со други тековни и реализирани активности.
На средбата се дискутираше и за законските надлежности на ДКСК во однос на следење на законитоста на финансирањето на политичките партии и изборните кампањи и контролата на злоупотребата на буџетски средства во периодот по распишување на избори. При тоа, од страна на ДКСК беше искажано задоволство од досегашната соработка со ИФЕС и поддршката што ДКСК ја добива при спроведување на нејзините надлежности поврзани со следење на изборните процеси.
На средбата заеднички беше констатирано дека политичката волја, личниот и институционалниот интегритет се од суштинско значење за успешна борба со корупцијата.
На крајот беше изразено заедничко задоволство од остварената средба, како и подготвеноста за соработка во иднина.