Одржан состанок со амбасадорот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, Н.Е. Килиан Вал
Скопје, 10 март 2026 година
Во просториите на Државната комисија за спречување на корупцијата беше одржан состанок со амбасадорот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, Н.Е. Килиан Вал. На состанокот присуствуваа претседателот на ДКСК г-дин Адем Чучуљ, заменик претседателката г-ѓа Софија Спасова Медарска, генералниот секретар г-ѓа Маја Коневска, како и претставници од Секретаријатот на ДКСК.

На средбата беше истакната континуираната поддршка што Мисијата на ОБСЕ ја обезбедува за работата на ДКСК. Воедно се разговараше за идните приоритети и можности за понатамошно унапредување на соработката во областите од значење за зајакнување на институционалниот интегритет и превенцијата на корупцијата.

Посебно внимание беше посветено на иницијативите и заедничките активности за унапредување на интегритетот во правосудството, како една од клучните области во рамки на реформските процеси поврзани со владеењето на правото. Во таа насока беше истакната важноста од системски пристап кон јакнење на механизмите за интегритет, транспарентност и отчетност во правосудните институции, како дел од пошироките заложби за спроведување на реформската агенда и исполнување на стратешките приоритети во областа на владеење на правото. Како што активностите во делот на потпишувањето на политиките за интегритет во судовите беа потпишани на крајот на 2025 година, така со исто темпо се продолжува во 2026 година, се додека не се опфати целиот судски систем и се воспостави секторска соработка.

Претставниците на ДКСК ги презентираа стратешките приоритети и идните активности на Комисијата, со акцент на развојот и примената на системот на интегритет во институциите, како и на активностите насочени кон унапредување на превентивниот антикорупциски систем.
На средбата беше изразено обострано задоволство од досегашната соработка, како и подготвеност за нејзино понатамошно продлабочување во насока на поддршка на реформските процеси и јакнење на институционалниот интегритет во Република Северна Македонија.














