Спроведување на Меморандумот за соработка меѓу Народната банка и ДКСК: Започна серијата обуки
Во рамките на Меморандумот за соработка помеѓу Народната банка и Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), којшто беше склучен оваа година, започна првата серија предавања од страна на ДКСК за вработените во Народната банка.
За претседателката на Државната комисија за спречување на корупцијата, Билјана Ивановска, Народната банка е пример на институција со висок интегритет, којашто предничи во примената на прописите за заштита од судир на интереси и корупција во нашата земја, притоа истакнувајќи и дека актите донесени од Народната банка се во целост усогласени со важечката регулатива од оваа област.
„Нашата главна заложба е градење силни институции, преку јакнење на личниот интегритет на службените лица во тие институции. Тоа е особено важно, затоа што секој е должен во вршењето на функцијата, јавното овластување и службената должност, да постапува совесно, стручно, одговорно, чесно, ефикасно и непристрасно, притоа почитувајќи ги начелата на законитост, еднаквост, јавност, етичките норми и професионалните стандарди, без дискриминација или повластување на кого било и со целосно почитување на јавниот интерес“, истакна претседателката на ДКСК, Билјана Ивановска.
„Народната банка постојано работи на унапредување на управувањето и организациската култура во институцијата. Нашата мисија за законито и етичко работење се постигнува преку постојаната заложба за зајакнување на интегритетот на Народната банка. Создадовме механизми и преземаме превентивни активности за да обезбедиме ефикасно спроведување на нашите задачи и цели, во согласност со принципите и постапките уредени во Етичкиот кодекс на институцијата и останатата соодветна регулатива“, рече гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, означувајќи го почетокот на серијата обуки коишто ќе се спроведуваат во Народната банка од страна на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК).
Во рамките на Меморандумот за соработка меѓу Народната банка и Државната комисија за спречување на корупцијата, беа одржани две обуки во Народната банка од страна на вработени во Секретаријатот на ДКСК, Јасминка Цветковска, Раководител на Одделението за спречување на корупцијата и Ирена Брзанова, државен советник за превентивни антикорупциски политики, на 30.11.2022 година за членовите на Советот на Народната банка и на 01.12.2022 година, за вработените во Народната банка.
Обуките беа на две теми: Спречување на корупцијата (дефиниција на поим корупција и ризик/постапување на ДКСК) и Судирот на интереси како состојба кај службените лица и забраните и ограничувањата од ЗСКСИ.
Обуките се продолжување на успешната соработка меѓу двете институции, а преку кои со размена на знаења и добри практики, се зајакнува доследното почитување на правилата за спречување на корупцијата и судирот на интереси.