Средба со претставниците на невладините организации
Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), на 31 јануари 2024 година, оствари средба со претставниците на невладините организации во Република Северна Македонија, предводени од граѓанските организации основачи на Платформата за антикорупција.
Средбата се одржа на иницијатива на Државната комисија за спречување на корупцијата, по повод завршување на мандатот на овој состав на ДКСК, со цел изразување на благодарност за остварената добра соработка, како и запознавање на гостите со постигнатите резултати на ДКСК во изминатиот мандат, предизвиците со кои се соочува ДКСК при исполнувањето на законските надлежности, како и нејзините тековни и планирани активности.
Имено, ДКСК во измнатиот петгодишен мандат имаше добра соработка со Платформата на граѓански организации за борба против корупција, кои како заеднички именител ги имаа проактивниот и динамичен пристап кон промоција и застапување на принципите на доброто владеење.
Претседателката на ДКСК Билјана Ивановска и членовите на ДКСК накусо ги запознаа гостите со постигнувањата на овој состав на ДКСК,пришто беше истакнато големото значење на остварената соработка и поддршката на организациите од невладиниот сектор на ДКСК во остварувањето на нејзините законски надлежности.
“Многу важно ни беше што ја следевте нашата посветена, професионална, непристрасна и неселективна работа за која во изминатиов период институцијата добиваше позитивна оценка” – истакна Ивановска.
На крајот на средбата, беше искажано задоволство од остварената средба и беше утврдена заложбата и интересот на највисоко ниво од страна на невладините организации за понатамошна поддршка на работата на Државната комисија за спречување на корупцијата.