СТАТУС И НАДЛЕЖНОСТИ
Државната комисија за спречување на корупцијата (во натамошниот текст: Државната комисија) е самостојна и независна во вршењето на работите утврдени со овој закон и има својство на правно лице.
Државната комисија е составена од претседател и шест членови.
Државната комисија има Секретаријат како стручна служба која ги врши административните работи од надлежност на Државната комисија (во натамошниот текст: Секретаријатот).
Со Секретаријатот раководи генерален секретар.
Согласно Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси Државната комисија ги има следниве надлежности:
– 1. донесува национална стратегија за спречување на корупцијата и судирот на интереси, со акционен план за нејзино спроведување;
– 2. спроведува антикорупциска проверка на закони, подзаконски акти и други општи акти, согласно со методологија која ја донесува;
– 3. постапува по пријави од физички и правни лица за сомнежи за корупција и судир на интереси;
– 4. покренува иницијатива пред надлежните органи за поведување постапка за утврдување на одговорност на службени лица;
– 5. покренува иницијатива за поведување постапка за кривично гонење во предметите по кои постапува;
– 6. ја следи законитоста на финансирањето на политичките партии;
– 7. ја следи законитоста на финансирањето на изборните кампањи;
– 8. покренува иницијатива пред надлежните органи врз основа на извештаи на Државниот завод за ревизија;
– 9. постапува во случаи на судир на интереси;
– 10. ја евидентира и следи имотната состојба и интересите во постапка согласно со овој закон;
– 11. пропишува образец на изјавите за имотната состојба и интересите;
– 12. врши проверка на податоците од изјавите за имотната состојба и интересите;
– 13. соработува со други државни органи во обезбедување на потребните информации;
– 14. соработува со национални тела на други држави, како и со меѓународни организации на полето на спречување на корупцијата;
– 15. разменува информации со надлежни тела на други држави и меѓународни организации, врз основа на обврски преземени со меѓународни договори ратификувани согласно со Уставот на Република Македонија;
– 16. соработува со здруженија, фондации, научни институции и приватниот сектор во врска со превенција на корупција и судирот на интереси;
– 17. подготвува анализи за ризици од корупција во различни сектори;
– 18. презема активности во насока на јакнење на личниот и институционалниот интегритет;
– 19. презема активности на планот на едукацијата и јакнење на свеста за корупцијата и судирот на интереси;
– 20. води регистар на избрани и именувани лица;
– 21. води регистар на овластени лица за прием на пријави од укажувачи, согласно со Законот за заштита на укажувачи;
– 22. изготвува каталог на подароци врз основа на податоци добиени согласно со членот 58 од овој закон и го објавува на својата веб -страница;
– 23. спроведува истражувања на јавното мислење за оценка на своето работење и состојбата со корупцијата;
– 24. донесува годишна програма за работа на Државната комисија;
– 25. донесува етички кодекс на Државната комисијата и на Секретаријатот;
– 26. донесува деловник за работа на Државната комисија;
– 27. донесува акти за внатрешна организација и систематизација на работните места во Секретаријатот;
– 28. редовно ја известува јавноста за својата работа во врска со надлежностите што ги има согласно со овој закон и согласно со деловникот за работа на Државната комисија и
– 29. врши и други работи утврдени со закон.