Одржани работилници за прибирање материјал за изменување и дополнување на НС2021-2025
Во периодот од од 08.05-18.05.2023 година, во просториите на Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК), со експертска поддршка од Меѓународната фондација за изборни системи (ИФЕС) беа одржани вкупно девет работилници за прибирање и подготовка на материјал за изменување и дополнување на Националната стратегија за спречување на корупцијата и судирот на интереси 2021-2025 (НС2021-2025).
Имајќи предвид дека согласно Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси измената на националната стратегија се подготвува во постапка како и за донесување на истата, односно со учество на претставници на државни органи, институции, здруженија, фондации, приватен сектор и медиуми, на одржаните работилници покрај институциите носители и вклучените институции во реализација на активнстите утврдени со Акциониот план на НС2021-2025, беа поканети и претставници на Платформата на граѓански организации за борба против корупцијата, како и други невладини организации или здруженија на граѓани, но и експерти од областите соодветни на поединечните разгледувани сектори или хоризонтални области.
На секоја од работилниците, кои се однесуваа на еден или повеќе сектори/ области од НС2021-2025, детално беа разгледани веќе утврдените мерки и активности, степенот на нивна реализација и моменталниот статус, а врз основа на анализата на двата годишни извештаи за спроведувањето на НС2021-2025, како и дадените предлози и сугестии од учесниците, ангажираните експерти прибраа информации и материјали кои ќе им послужат за изготвување на предлог за изменување и дополнување на Националната стратегија.
По утврдување на конечниот текст на измените и дополнувањата, ДКСК ќе донесе Одлука за изменување и дополнување на НС2021-2025 и истата заедно со измените и дополнувањата ќе ги достави до Собранието на Република Северна Македонија.