Учество на Регионална конференција за развој на новиот Регионален патоказ за борба против корупцијата и незаконските финансии
Во периодот од 25-ти до 27-ми јуни 2024 година, членот на ДКСК г-н Бесник Џемаиљи и Советникот г-н Сашко Колев, како дел од македонската делегација присуствуваа на Регионална конференција за развој на новиот Регионален патоказ за борба против корупцијата и незаконските финансии, кој претставува дел од Регионалната платформа за брзо следење на спроведување на Конвенцијата на Обединетите нации против корупцијата (UNCAC), поддржана од Канцеларијата на Обединетите нации за дрога и криминал (UNODC).
На регионалната конференција претставниците од сите јурисдикции на Западен Балкан разговараа и се договораа за приоритетите кои треба да бидат вклучени во новиот Патоказ, како и за техничката помош потребна за унапредување на неговата практична имплементација во договорена временска рамка. Новиот Патоказ се очекува да ја унапреди имплементацијата на постоечките мерки и политики против корупцијата и против незаконските финансии, но истиот ќе биде во линија на имплементација на меѓународните стандарди и препораки, вклучувајќи ги и препораките кои произлегуваат од годишните извештаи на Европската Комисија за напредокот за земјите од регионот за членство во Европската Унија, како и препораките на ГРЕКО.
Покрај активното учество во изработка на новиот Патоказ, претставниците на ДКСК заедно со дел од останатите претставници на македонската делегација учествуваа и во дополнителна сесија во организација на UNODC, која се однесуваше на антикорупциски стратегии, а целта на истата беше да се разменат добри практики кои ќе се употребат во ажурирање на Водичот за развој и имплементација на национални антикорупциски стратегии, публикуван од страна на UNODC.
Претставниците на ДКСК во детали ги пренесоа позитивните искуства, но и предизвициите со кои се соочуваше ДКСК во процесот на подготовка, следењето на имплементацијата и известувањето за Националната стратегија за спречување на корупцијата и судирот на интереси 2021-2025.