Договорена поддршка од ИФЕС за ДКСК во следењето на изборниот процес
Државната комисија за спречување на корупцијата одржа работна средба со претставници на Меѓународната фондација за изборни системи (ИФЕС), на која се дискутираше за поддршката што ИФЕС ќе ја обезбеди во рамки на воспоставената соработка и потпишаниот Меморандум за соработка меѓу двете институции.
Поддршката е насочена кон спроведувањето на законските надлежности на ДКСК во однос на следењето на изборниот процес за претстојните локални избори, особено во поддршка на сегментите што се однесуваат на анализа на финансиските извештаи на организаторите на изборни кампањи и изготвувањето на посебниот извештај за финансирањето на изборната кампања.
Заменик-претседателката на ДКСК, м-р Цвета Ристовска, ја истакна важноста на континуираната поддршка што ИФЕС ја обезбедува во насока на зајакнување на капацитетите на ДКСК и ефективно спроведување на нејзините надлежности, посебно во периодите на изборни процеси.
Претставничката на ИФЕС, Афрдита Хаџијаја, ја потврди заложбата на Фондацијата за натамошна соработка со ДКСК, со цел обезбедување на законит, транспарентен и интегритетен изборен процес.

