ДКСК и Јавното обвинителство ја продолжуваат соработката за унапредување на системот на интегритет
Државната комисија за спречување на корупцијата и Јавното обвинителство на Република Северна Македонија ја продолжуваат меѓуинституционалната соработка во насока на зајакнување на интегритетот, превенцијата на корупцијата и унапредување на интерните механизми за етичко и одговорно постапување.
Претседателот на Државната комисија за спречување на корупцијата, Адем Чучуљ, и Јавниот обвинител на Република Северна Македонија, Ненад Савески, на ден 11ти мај 2026 година потпишаа нов Меморандум за соработка, со кој се утврдуваат заедничките активности за следниот тригодишен период.
Посебен акцент во Меморандумот е ставен на развивањето, унапредувањето и имплементацијата на системот на интегритет во Јавното обвинителство, како процес што се спроведува со поддршка на Мисијата на ОБСЕ во Скопје. На потпишувањето присуствуваше и шефот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, амбасадорот Килиан Вал.
Согласно Меморандумот, ДКСК и Јавното обвинителство ќе формираат заедничка работна група која ќе работи на подготовка на специфично дизајнирана политика за интегритет, прилагодена на уставната и законската положба, организациската поставеност и внатрешните акти на Јавното обвинителство.
Соработката ќе опфати и размена на искуства, консултации и стручна поддршка во делот на воспоставување и унапредување на интерните механизми за интегритет, превенција на корупција, управување со ризици, спречување судир на интереси и јакнење на етичкото постапување.
Со продолжувањето на оваа соработка, ДКСК ја потврдува својата посветеност кон поддршка на институциите во градењето функционални и одржливи системи на интегритет, засновани на превенција, транспарентност, отчетност и почитување на надлежностите и институционалната самостојност на секоја институција.
















