„Академско кафе“ со студентите и вработените на Факултетот за безбедност – Скопје при Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола
Заменик претседателот на Државната комисија за спречување на корупцијата м-р Сервет Демири, во просториите на Факултетот за безбедност – Скопје при Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола, учествуваше на „Академско кафе“ со студентите и професорите на наведениот факултет.
Академското кафе, кое традиционално се организира на Факултетот за безбедност – Скопје, претставува можност за неформално дружење помеѓу – од една страна – студентите и вработените на Факултетот, а од друга страна – гостите – претставници на институции кои делуваат во полето на безбедноста, правото, одбраната, човековите права, надворешната политика… поточно, во сите оние сфери на интерес кои се изучуваат на Факултетот.
Деканот на Факултетот за безбедност проф.д-р Јонче Ивановски во своето обраќање истакна дека ова е втора година по ред гостин на „Академско кафе“
да биде ДКСК, што претставува можност за дискусија и размена на мислења за исклучително важно прашање како што е борбата против корупцијата.
Во своето обраќање, Заменик претседателот м-р Сервет Демири накусо информираше за статусот и надлежностите на ДКСК, постапувањето по предмети, механизмите кои и стојат на располагање како и предизвиците со кои ДКСК се соочува во своето работење.
Заменик председателот Демири посебно се осврна на постапувањето на ДКСК по предметите со наводи за корупција и судир на интереси во високото образование, нагласувајќи ја неопходноста вработените во високото образование и студентите да се охрабрат и да ги пријавуваат девијантните појави и сомнежите за корупција до надлежните институции. Корупцијата е еден од најголемите проблеми во нашата држава и за поефикасна борба против истата неопходен е ангажман на сите чинители во општеството, нагласи Демири.
Настанок имаше интерактивен карактер, при што Заменик претседателот на ДКСК м-р Сервет Демири одговараше на прашања од присутните професори и студенти поврзани со надлежностите и работата на ДКСК.