Потпишан Меморандум за соработка помеѓу Државната комисија за спречување на корупција и Стопанската комора на Северна Македонија
Претседателката на Државната комисија за спречување на корупцијата, Татјана Димитровска и претседателот на Сопанската комора на Северна Македонија Бранко Азески, во присуство на членовите на ДКСК и менаџментот на Стопанската комора, потпишаа меморандум за соработка.
Со Меморандумот се дефинираат областите и начинот на меѓусебната соработка во насока на заеднички активности за спречување на корупцијата и зајакнување на интегритетот, учество во работни групи заради промена на законска и друга регулатива од областа на спречување на корупцијата и судирот на интереси, соработка во процесот на изработка на нова националната стратегија за спречување на корупцијата и судирот на интереси и имплементација на активностите од истата, реализација на настани – јавни дебати, работилници, конференции, тренинзи и други активности насочени кон зголемување на свеста кај јавноста за прашања поврзани со спречување на корупцијата и јакнење на интегритетот.
Претседателката на ДКСК Татјана Димитровска во своето обраќање ја нагласи важноста од потребата од континуирана соработка на институциите со бизнис секторот, со цел стратешки и сеопфатен пристап кон намалување на корупцијата, зајакнување на транспарентноста, а со тоа и подигнување на довербата на целото општество во функционирањето на системот. Непходна е поголема вклученост на приватниот сектор во детектирање на системските слабости, особено во процесот на изготвување на новата Националната стратегија, а со цел утврдување на спроведливи активности кои ќе придонесат за стеснување на просторот за коруптивни дејанија, додаде претседателката Димитровска .
Претседателот на Стопанската комора Бранко Азески потенцираше дека функционални институции се непоходни за создавање на услови за конкурентен бизнис сектор. Оттаму, непходни се заеднички напори за сите чинители во борбата против корупцијата и сивата екомонија, подобрување на услугите на јавните институции и подобрување на условите за бизнис. Претседателот Азески, ја нагласи подготвеноста на Стопанската комора за соработка со ДКСК и обезбедување на поддршка во исполнување на нејзините законски надлежности.