Средба со Заменик претседателот на Владата на Република Црна Гора г-дин Момо Копривица
Државната комисија за спречување на корупцијата, денес, одржа средба со г-дин Момо Копривица, Заменик претседател на Владата на Црна Гора задолжен за политички систем, судство и антикорупција, кој е во работна посета на Република Северна Македонија. На средбата г-дин Копривица беше придружуван од Н.Е. Амбасадорот на Црна Гора во Северна Македонија Зоран Миљаниќ, Велимир Шљиванчанин – советник во амбасадата на Црна Гора и Бранко Вуковиќ и Владан Раичевиќ – советници во кабинетот на Заменик претседателот на Владата на Црна Гора.
Членовите на ДКСК, посакувајќи им добредојде на гостите, изразија надеж дека со денешната средба ќе започне плодна соработка на ДКСК со пријателите од Црна Гора и истата ќе обезбеди цврста основа за заеднички активности и проекти насочени кон натамошно зајакнување на институционалниот интегритет и ефективно спроведување на антикорупциските политики во двете земји. Ги запознаа гостите со статусот, надлежностите и предизвиците со кои се соочува ДКСК, истакнувајќи дека ДКСК има долгогодишно искуство во развојот на стратегии за превенција и санкционирање на коруптивни дејанија како и на полето на имплементирање на препораките на меѓународните организации.
Заменик претседател на Владата на Црна Гора г-дин Копривица се заблагодари на ДКСК за приемот, пришто информираше за реформите преземени од страна на Црна Гора на полето на борбата против корупцијата. Тој ја нагласи важноста на регионалната соработка, размената на позитивни искуства како и потребата за зајакнување на антикорупциските тела и механизми со цел успешно справување со корупцијата.
На средбата страна збор за потребата од имплементација на Меѓународниот договор од 2021 година за размена на податоци за проверка на изјавите за имотна состојба што беше подготвен во рамките на Регионалната антикорупциска иницијатива (РАИ), кој договор е потпишан и ратификуван од двете држави. Со имплементацијата на договорот ќе се овозможи ефективна размена на податоци со цел откривање на незаконски стекнат имот што се пренесува или купува во други држави.
Заедничка беше констатацијата дека борбата со корупцијата бара заеднички одговор и оттаму неопхопдноста од регионална соработка имајќи го во предвид фактот што земјите во регионот се нераскинливо поврзани и се соочуваат со исти проблеми.
Обострано беше искажано задоволство од остварената средба како и подготвеноста за унапредување на соработката во иднина.


