Интегритетот во јавните претпријатија започнува од начинот на избор на органите на управување и надзор
Претседателот на Државната комисија за спречување на корупцијата, Адем Чучуљ, на 24 април, се обрати на 91-вата Средба на правниците, која се одржа во Хотел Метропол во Охрид. Темата на неговото обраќање беше „Антикорупциска рамка за јавните претпријатија – транспарентност и одговорност во работењето, од јавен интерес до дискреција при селекција на органи на управување и надзор“.
Во своето обраќање, претседателот Чучуљ истакна дека јавните претпријатија не се само субјекти што вршат дејности од јавен интерес, туку и институции во кои се управува со јавни средства, јавни услуги, кадровски политики и значајни одлуки што директно влијаат врз секојдневието на граѓаните. Оттука, прашањето за нивното функционирање не е само прашање на ефикасност, туку и прашање на интегритет, отчетност и спречување на корупција.
Посебен акцент во обраќањето беше ставен на изборот и именувањето на органите на управување и надзор, како една од најчувствителните точки од аспект на интегритетот. Беше нагласено дека токму начинот на кој се избираат управните и надзорните органи влијае врз квалитетот на управувањето, надзорот, кадровските политики, финансиското работење и довербата на јавноста.
Во таа насока, ДКСК потсети дека во рамки на Националната стратегија за спречување на корупцијата и судирот на интереси 2021–2025, јавните претпријатија и трговските друштва во сопственост на државата и единиците на локалната самоуправа се препознаени како сектор во кој е потребен системски пристап за превенција од корупција. Со поддршка на УНДП, ДКСК изготви проценка на ранливоста кон корупција во овој сектор, а потоа и Антикорупциска програма за јавните претпријатија и трговските друштва во државна сопственост и сопственост на општините и Градот Скопје 2024–2025 со акциски план, како конкретен инструмент за адресирање на ризиците и унапредување на интегритетот.
Во обраќањето беа претставени и податоци што укажуваат на континуиран раст на бројот на јавни претпријатија, особено во сегментот каде што основачи се единиците на локалната самоуправа. Истовремено, беше посочено и на значењето на Регистарот на јавни субјекти, како предуслов за подобра видливост, следење и анализа на системот на јавни субјекти и на ризиците поврзани со нивното работење.
ДКСК оцени дека борбата против корупцијата во јавните претпријатија не може да се сведе само на формално исполнување на процедури, туку бара реална примена на мерит-систем, јасни критериуми, силни механизми за надзор, транспарентност во регрутирањето и набавките, функционални системи за внатрешно пријавување и јасна одговорност во управувањето.
На крајот од обраќањето беше нагласено дека јавниот интерес бара јавна одговорност, јавната одговорност бара транспарентни правила, а транспарентните правила имаат вистинска вредност само кога навистина го ограничуваат просторот за дискреција. ДКСК и натаму ќе продолжи да придонесува кон унапредување на системскиот пристап за спречување на корупцијата во јавните претпријатија, како важен сегмент од институционалниот интегритет и владеењето на правото.















