Одржана прва тркалезна маса за лобирање со бизнис заедницата
Државната комисија за спречување на корупцијата, во соработка со проектот „Поддршка на ЕУ за владеење на правото“, на 16 април 2026 година во Клубот на пратеници во Скопје ја одржа првата тркалезна маса на тема „Лобирање во Северна Македонија“, наменета за претставници од бизнис заедницата.

Настанот претставува дел од серија тематски тркалезни маси кои имаат за цел да поттикнат поширока јавна дебата и да ја зајакнат свеста за значењето на транспарентните, етички и отчетни практики на лобирање, во согласност со Законот за лобирање.
На тркалезната маса воведни обраќања имаа претседателот на Државната комисија за спречување на корупцијата, Адем Чучуљ, и претставникот на проектот „Поддршка на ЕУ за владеење на правото“, Роман Прах. Во своето обраќање, претседателот Чучуљ ја истакна важноста од јасни и транспарентни правила за лобирање, како предуслов за зајакнување на довербата во институциите и создавање предвидлива и фер деловна средина.
Во рамки на настанот беше презентирана законската рамка и практиките на лобирање во Северна Македонија, при што беше нагласена улогата на ДКСК во унапредување на транспарентноста и интегритетот во оваа област.

Посебен придонес дадоа и меѓународните експерти, кои споделија практични искуства од Република Словенија и Европската Унија, отворајќи дискусија за предизвиците и можностите за понатамошно унапредување на системот за лобирање.

Настанот беше интерактивен и овозможи активна размена на мислења помеѓу претставниците на бизнис заедницата и институциите, при што беше истакната потребата од заеднички пристап во градењето култура на транспарентност и интегритет во процесите на застапување на интереси.

Државната комисија за спречување на корупцијата останува посветена на унапредување на транспарентноста и интегритетот во лобирањето, како важен сегмент на превенцијата од корупција и зајакнувањето на доброто управување.












