Студиска посета на делегација на Собранието на Црна Гора во Државната комисија за спречување на корупцијата

Државната комисија за спречување на корупцијата денес одржа работна средба со делегација на Собранието на Црна Гора, која престојува во студиска посета на Република Северна Македонија, придружувана од претставници на Националниот демократски институт (НДИ) во Црна Гора и во Северна Македонија.
Делегацијата беше сеопфатно информирана за институционалната поставеност на Државната комисија, надлежностите утврдени во Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси, парламентарниот надзор над работата на Државната комисија, како и со превентивните механизми со кои располага институцијата во борбата против корупцијата и судирот на интереси.
Во фокусот на дискусијата беше размената на искуствата, практиките и предизвиците на двете земји во однос на регистарот на избрани и именувани лица, изјавите за имотна состојба и интереси, изрекување на прекршочните санкции, петгодишната национална стратегија за спречување на корупцијата и судирот на интереси, антикорупциската проверка на легислативата и постапката за избор на претседател и членови на Државната комисија. Во оваа прилика Државната комисија ја истакна и важноста на поддршката од НДИ во Република Северна Македонија, како партнер во спроведувањето на главните превентивни механизми за борбата против корупцијата.
Претставниците на делегацијата на Собранието на Црна Гора со особен интерес се осврнаа на начинот на користење на извештаите на Државната комисија од страна на Собранието на Република Северна Македонија во борбата против корупцијата, при што по взамена дискусија двете страни се согласија дека е потребно зајакнување на свеста во насока на користење на препораките од извештаите на Државната комисија како патоказ за надминување на системските слабости и ризиците од корупција во државата и зајакнување на парламентарниот надзор особено над спроведување на петгодишната национална стратегија за спречување на корупцијата и судирот на интереси.
Во однос на соработката со граѓанскиот сектор, беше истакната и воспоставената соработка на Државната комисија со Платформата на граѓански организации за борба против корупцијата, како партнери, а воедно и важни критичари на работата на институцијата, со цел зајакнување на ефективната борба против корупцијата.
Како дел од стратешката рамка за борба против корупцијата беше истакната и соработката на Државната комисија со Агенцијата за спречување на корупцијата на Црна Гора, досегашната размена на искуства и добри практики во делокругот на надлежности на двете институции.
На крајот од состанокот взаемно беше потврдена важноста во обезбедувањето институционална поддршка, соработка и професионална посветеност за ефективна, независна и одржлива борба против корупцијата и судирот на интереси, како и потребата од продлабочување на соработката на Северна Македонија и Црна Гора и размената на знаења и искуства со цел успешно справување со корупцијата.

















