Заврши посетата на Северна Македонија од страна на експертскиот тим на ГРЕКО во рамки на Шестиот евалуационен круг, на тема: „Спречување на корупцијата и промовирање на интегритетот на локално ниво“
Од 2 до 6 ноември 2026 година во Република Северна Македонија се одржа евалуациска посета од страна на експертски тим на ГРЕКО (Група на држави против корупцијата при Советот на Европа), во рамки на Шестиот евалуационен круг, посветен на темата „Спречување на корупцијата и промовирање на интегритетот на локално ниво“.
Во рамките на посетата, на 3 и 4 ноември, експертскиот тим на ГРЕКО одржа состаноци со претставници на сите релевантни институции (МП, ДКСК, ЗЕЛС, МЛС, ДИЛС, МФ, ДЗР, БЈН, ДКЖЈН, МЈА, МВР, ЈОРСМ, Кривичен суд Скопје, АСПИ, Омбудсман) како и со претставници на невладиниот сектор, меѓународната заедница, академската заедница, медиуми и новинари. На 5 и 6 ноември се одржа посета на двете селектирани општини за евалуација: град Скопје (како главен град) и Општина Куманово, каде се реализираа средби со релевантни општински служби и лица (градоначалниците, членовите на Советот, лицата за интегритет, лицата за заштитено внатрешно пријавување, претставници на општинските јавни претпријатија и службениците одговорни за внатрешна ревизија, јавни набавки, урбанизам, човечки ресурси, инспекциски надзор, пристап до информации, односи со јавност). Програмата се затвори со завршен состанок во ДКСК, посветен на разјаснување на отворените прашања и на заклучоци од посетата.
Државната комисија за спречување на корупцијата, во соработка со Министерството за правда, преку своите членови во Делегацијата на Република Северна Македонија во ГРЕКО, ја организираше посетата и придонесе за нејзина успешна реализација. ДКСК им се заблагодарува на сите институции, организации и поединци и пред се, на град Скопје и Општина Куманово, кои учествуваа на состаноците и со својата отвореност и подготвеност придонесоа за конструктивен дијалог со експертскиот тим на ГРЕКО и обезбедување на потребните информации.
Следен чекор е подготовка на Евалуациски извештај на ГРЕКО за Северна Македонија за 6-тиот круг на евалуација, кој ќе содржи опис на состојбата како и оценки и препораки.
ГРЕКО е еден од најзначајните и најавторитетните меѓународни механизми за борба против корупцијата. На неговите наоди и препораки се повикува и Европската унија, особено во процесот на пристапување и во оценувањето на напредокот во областа на владеењето на правото. Затоа резултатите од евалуацијата и спроведувањето на препораките на ГРЕКО се од особено значење за Северна Македонија и за ДКСК.
ДКСК ќе продолжи активно и посветено да соработува со ГРЕКО и со сите надлежни институции за подобрување на системот за спречување на корупцијата и јакнење на институционалниот интегритетот.
















