Работна средба за унапредување на Политиката за интегритет за јавните обвинителства
Државната комисија за спречување на корупцијата и Јавното обинителство на Република Северна Македонија, со поддршка на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, учествуваа на дводневна работна средба во Берово посветена на утврдување на Политиката за интегритет за јавните обвинителства.
Во текот на работните сесии беше разгледана нацрт-политиката за интегритет, при што учесниците дискутираа за нејзината практична примена и за следните чекори кон воспоставување на системот на интегритет во јавнообвинителската организација.
ДКСК ја нагласува важноста од воспоставување и унапредување на системот на интегритет во институциите, особено во оние кои имаат значајна улога во спречувањето и борбата против корупцијата. Интегритетот, транспарентноста и отчетноста претставуваат клучни предуслови за јакнење на довербата на граѓаните во институциите и за ефикасна превенција на корупцијата.
Државната комисија за спречување на корупцијата и понатаму ќе продолжи активно да придонесува во процесите насочени кон јакнење на интегритетот и унапредување на антикорупциските политики и практики во институциите.


















