ДКСК ги презентираше резултатите од кампањата за подигање на јавната свест за лобирањето
Државната комисија за спречување на корупцијата денеска ги презентираше резултатите од кампањата за подигање на јавната свест за лобирањето во Северна Македонија, реализирана со поддршка на ИПА Проектот „Поддршка на ЕУ за владеење на правото“.
Претседателот на ДКСК, Адем Чучуљ, истакна дека целта на кампањата била да се зголеми информираноста на јавноста за Законот за лобирање, но и да се поттикне поширока дебата за значењето на транспарентното и регулирано лобирање како легитимен дел од процесот на креирање јавни политики.

Во периодот од 7 до 28 април 2026 година, кампањата оствари значителен досег преку социјалните медиуми и дигиталните платформи. Само преку платформите на Meta беа достигнати повеќе од 717.000 лица, со над 3,3 милиони импресии и повеќе од 71.000 интеракции, додека преку Google Display Network беа реализирани дополнителни над 1 милион импресии и 1.282 кликови кон содржините на кампањата.
Во рамки на кампањата беа организирани и четири тркалезни маси со претставници на институциите, локалната самоуправа, деловната заедница и граѓанските организации. Учесниците ја нагласија потребата од поголема промоција и практична примена на Законот за лобирање, дополнителна едукација на засегнатите страни и унапредување на одредени законски решенија со цел зголемување на правната сигурност и транспарентноста.

ДКСК информираше дека сите предлози и препораки произлезени од консултативниот процес ќе бидат доставени до Министерството за правда и ќе бидат ставени на располагање на работната група која работи на разгледување на можните измени и дополнувања на Законот за лобирање.
На настанот беше истакнато и дека веднаш по завршувањето на кампањата е регистриран првиот лобист согласно Законот за лобирање, покрај трите веќе регистрирани лоби организации и петте застапници на лоби организации.
ДКСК ќе продолжи со активности за промоција на интегритетот, транспарентноста и отчетноста, како клучни предуслови за добро управување и спречување на корупцијата.














